ЗЛАТНО ДЕПО ОД ТРЕМНИК - НЕГОТИНО
ДОИ:
https://doi.org/10.58301/BM16451-2123jКлучни зборови:
Tremnik, golden hoard, Philip II, Alexander III, Celts, Vardar valley, Paeonia, MacedoniaАпстракт
Селото Тремник се наоѓа во централниот дел на Република Македонија, во близина на градот Неготино. На територијата на селото Тремник досега се пронајдени петнаесетина локалитети од различни периоди. кои потекнуваат од доцното бронзено време XIII – XI век пред н. е. се до средниот век. Археолошкиот локалитет Орманков Гроб се наоѓа на југоисточниот раб на селото Тремник. Овој археолошки малку истражен локалитет ја фасцинираше македонската но и светската јавност во 2008 година, кога овде беше пронајдено неверојатно вредно депо со златни предмети од класичниот период, со вкупна тежина од 1200 грама. Разновидноста на предметите кои го чинат ова неверојатно откритие укажува дека биле собирани во еден подолг временски период. Меѓу најатрактивните по својот изглед, масивност и луксузна изработка ги издвојуваме четирите фибули од малоазиски тип (сл. 3a-d). Долги по речиси 10 см, а тешки околу 140 грама, овие фибули изработени од најчисто злато, претставуваат едни од најскапоцените примероци на фибули од малоазиски тип откриени до сега. Со истата беспрекорна изработка во комбинација на филигран и гранулација се одликува и малата златна тоалетна кутија – Пиксида (сл. 4) со цилиндричен рецепиент и капаче. Во оваа категорија на врвни златарски остварувања од класичниот период секако треба да го вброиме и раскошниот ѓердан составен од две палмети на краевите меѓу кои се наоѓале триесетина други елементи (сл. 5). Друг, за нијанса поскромен ѓердан бил составен од низа висулци во вид на лешник, а во средишниот дел биле поставени два полукружни висулци во вид на желади (сл. 6). Скапоцената колекција на украси за врат ја дополнуваат уште два идентични ѓердани кои на краевите завршуваат со по едно цилиндрично цевче, а помеѓу нив се наоѓаат десетици мали златни алки украсени по надворешниот раб со минијатурни гранули (сл. 7 и 8). Хронолошки најмлад, а уметничко-занатски најскромен предмет од ова депо е
златната плочка, апликација, релјефна претстава на Посејдон с неговиот трозабец – тридент, фланкиран со коњски протоми – hippocamps (ιππόκαμπος) (сл. 9). Оваа масивна апликација, тешка 70 грама, веројатно е производ од последните децении на IV век пред н.е.
На крај фантастичната колекција на златни предмети, сопственикот ја дополнил со две монети, статери, на двата најголеми и најзначајни македонски кралеви – Филип II (сл. 10а) и Александар III (сл. 10b). Со овие две монети сопственикот на ова богатство како да сакал да им ја олесни работата на археолозите за попрецизно датирање на ова откритие. За датацијата на депото можеме да се потрепеме на откриените монети. Како време на депонирање да се претпостави дека се случило пред познатата наезда на келтите во 279 год. пред н.е. После ова забележлив е одреден хијатус во животот по долината на Вардар, констатирано преку повеќе локалитети (Демир Капија, Исар Марвинци, Вардарски Рид).
Преземања
Објавено
Како да се цитира
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2016 ЈНУ Институт за старословенска култура -Прилеп

This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial-ShareAlike 4.0 International License.